ОЈО не ги потврдува информациите дали убиениот доктор во Железара бил егзекутиран на друга локација
Кој стои зад свирепото убиство на матичниот лекар во скопска Железара? Полицијата и по речиси две недели од грзоморониот настан се уште нема откриено кој и зошто го уби шеесет и седум годишниот лекар.
Од јавното обвинителство велат дека не можат да споделат детали од постапката, со оглед на тоа што МВР се уште не идентификувало сторител на кривичното дело, но истворемено побараа од надлежните институции да внимаваат што споделуваат во јавноста.
Откривачката улога во случајот ја има Министерството за внатрешни работи, а Јавното обвинителство ги издава сите потребни наредби и насоки за откривање на сторител и за целосно расчистување на настанот. Со оглед на тоа што МВР се уште не идентификувало сторител на кривично дело, Јавното обвинителство не е во можност да споделува детали кои можат да ја загрозат постапката. Апелираме и до другите институции во оваа фаза на постапката да се воздржуваат од изнесување информации од чувствителен карактер, бидејќи сторителот се уште не е откриен.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев утринава изјави дека лекарот не бил убиен во автомобилот во кој беше пронајдено неговото безживотно тело, туку бил донесен во него. Министерот за внатрешни работи, Тошковски пак рече дека било непрофесионално од страна на неговиот колега да споделува такви информации, кои како што вели, може да ја загрозат кривичната постапка.
Безживотното тело на лекарот, како што соопштија тогаш од Министерството за внатрешни работи, беше пронајдено доцна вечерта на 21 март во неговиот автомобил, на паркинг пред поликлиниката „Железара“. Според соопштението од полицијата, телото го пронашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако тој не се вратил дома од работа.
Минатата недела беа приведени три лица, за кои беше побаран и краткотраен куќен притвор, но потоа од обвинителството соопштија дека немало докази дека тие го извршиле делото.