ОЈО Гостивар за ТВ 24: Ќе се бара продолжување на притворот за тројцата осомничени за загадување на водата

Обвинителството ќе бара продолжување на притворот на тројцата осомничени за загадувањето на водата во Гостивар. Директорката на гостиварското комунално претпријатие – Арта Асани и раководителите Леон Уредини и Вадедин Дервиши од 21ј ули се во затворот во Скопје.

Обвинителството ги товари за тешки дела против животната средина и природата, за што казната е од четири до максимални 20 години затвор. 

ЈОРСМ 

„По истекот на првичните 30 дена, ОЈО Гостивар ќе бара продолжување на мерката притвор за осомничените“, потврдија од обвинителството.  

Во меѓувреме истрагата за здравствената катастрофа во која над 5.000 граѓани завршија во болница со симптоми на труење се интензивира - од обвинителството за ТВ 24 велат обезбедени се поголем број од доказите, се испитуваат сведоци, а под лупа се и парите од проектот за водоснабдување. 

Дополнително обвинителството ќе ги истражува и наводите за претходно загадување на водата. 

ЈОРСМ 

„Во однос на поведената истрага, прибран е голем дел од потребните материјални докази и се врши анализа, а испитани се и дел од сведоците. Дополнително, по наредба на јавниот обвинител, Управата за финансиска полиција ја одзеде и ја прегледува документацијата поврзана со финансирањето и искористувањето на средствата од проектот за водоснабдување. Воедно се истражуваат и сите други аспекти на овој настан, како и наводите за претходни загадувања на водата, а по донесување на јавнообвинителска одлука јавноста ќе биде известена.“

Водата во Гостивар беше прогласена за пиење безбедна во петокот од страна на кризниот штаб.

Опозицијата пак и денеска бара од власта да ги објави јавно резултатите од анализите кои ја потврдуваат безбедноста. 

Кети Штерјова - СДСМ 

„По пет недели, и сега откако велат дека водата е безбедна, нема објавено ниту еден официјален документ кој ќе го потврди тоа. Резултатите од анализите на водата, кои не се објавуваат веќе пет недели, внесуваат несигурност и создаваат паника кај граѓаните. Ако сè е исправно, зошто резултатите досега не се објавени, кога испитувањата се прават секојдневно? Што се крие од граѓаните, додека министерот повикува на транспарентност? Сака да ги објави резултатите од 2017 година, а не сака да ги објави денешните.Тоа само покажува дека нешто не е во ред“.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека водата во Гостивар е безбедна за пиење, состојбата се следи, а опозицијата ја обвинија за политичко профитирање преку ширење паника. 

Премиерот Мицкоски претходно рече дека и тој инсистира извештаите да бидат јавно објавени, министерот за здравство Клековски рече дека тие се во надлежност на претпријатието и локалната власт. Градоначалникот на Гостивар Валбон Лимани вчера за ТВ 24 изјави дека нема ништо спорно да се објават анализите, но денеска остана недостапен за прашањето кога ќе го стори тоа. 

Гостиварци беа речиси цел месец без вода за пиење. По стабилизирањето на водоводната мрежа - сега треба постојано да се следи количината на хлор од извориштето до крајните потрошувачи, како и да се врши редовен мониторинг на безбедноста и квалитетот на водата за пиење – ова се само дел од долгата листа препораки кои Институтот за јавно здравје му ги испорача на локалното комунално претпријатие.