ОЈО ГОКК за ТВ 24: Нема нови осомничени полицајци за трагедијата во Кочани

Началниците кои беа на чело на полициските станици во Кочани и Штип за време на трагедијата и полициските службеници оттаму не се дел од постапката која ја води Обвинителството за гонење организиран криминал.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција велат дека засега нема да ја проширува постапката за полициските службеници поврзани за случајот со пожарот кој настана во кочанската дискотека „Пулс“.

„Во моментов нема проширување на постапката што би била во надлежноста на Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција при ОЈОГОКК, воедно ве потсетуваме дека МВР има надлежност да презема дејствија во рамките на постапката.“ - ОЈО ГОКК.

Од опозициската СДСМ обвинија дека МВР постапува селективно, побараа оставка од  министерот Панче Тошковски. 

„Началници, командири, луѓе од БЈБ, па дури и полицајци што биле таа вечер на лице место – никој од нив не е ниту повикан, ниту истражуван. Тоа е срамно. Тоа е директен доказ за селективна правда.“ - Миле Талески СДСМ.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на социјалните мрежи се огласи по нападите од опозициската СДСМ. Според Тошковски, Македонија мора да биде држава каде што одговорноста нема партиска боја.

„СДСМ кои зборуваат за селективност и неправда, треба да се присетат дека за време на нивното седумгодишно владеење со ДУИ, државата ја потресоа три големи трагедии, во кои животот го загубија над 70 луѓе. За сите тие загубени животи, СДСМ не поднесе ниедна кривична пријава. Ниедна! Истите тие денес велат дека истрагата за Кочани е фарса, а во оваа наводна „фарса“ веќе имаме над 50 осомничени.“ - Панче Тошковски министер за внатрешни работи.

Засега нема проширување на истрагата со нови осомничени, во Кривичниот суд Кочани течат роковите за жалби за притворите од викендов. Адвокатот на министерот без ресор Шабан Салиу кој е осомничен за периодот додека бил на директорската позиција на ДЗС, очекува Салиу да излезе од Шутка. 

„Главни се две работи, како директор во период  пред десет години нема овластување според Закон да се меша во работата на инспекторот. Одлуките на инспекторот се  самостојни и не подлежат на никакви ингеренции на директор. ДЗС врши контрола на легални објекти. Во тој период објектот дискотека „Пулс“ е нелегален објект. Не може да врши контрола на нелегален објект. Поднесено е барање за алтернативна мерка, се работи за министер во Влада, сметаме дека треба да има мерка куќен притвор за истиот да биде надвор од установата каде се наоѓа сега.“ - Ванчо Шехтански адвокат на Шабан Салиу.

Од коачнскиот суд засега нема информации за евентуални одлуки по жалби.Oбвинителството осомничи 47 физички лица и 3 правни лица-поранешни министри, директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пазарната инспекција. ОЈОГОКК води истрага против седум полициски службеници од Кочани и Штип кои се во 30 дневен притвор.