ОЈО ГОКК го обжали решението за куќен притвор на Јахоски

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција  поднело жалба за куќниот притвор на сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски. Oд обвинителството денеска соопштија дека  поднесена е жалба и барање од Кривичниот совет да ги преиспита причините поради кои е одреден куќен, а не затворски притвор. 

- Незадоволно од ваквата одлука Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во законски утврдениот рок до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд - Скопје поднесе жалба поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка и побара Кривичниот совет да ги преиспита фактите содржани во жалбата, како и решавачките факти врз основа на кои е донесено обжаленото Решение. - ОЈО ГОКК.

Според решението на кривичен, судот одлучил да му одреди домашен наместо затворски притвор на Јахоски затоа што имал малолетни деца, имал фирма со повеќе вработени и нарушена здравствена состојба. Јахоски, за разлика од другите осомничени за тендерите за мазут  за кои обвинителството побара притвор заврши во домашен притвор.

Нафтената компанија Пуцко Петрол чиј сопственик е Јахоски е меѓу компаниите кои најмногу добивале државни тендери во изминативе години. Власта и опозицијата денеска со меѓусебни обвинувања за тоа во чиј мандат добивала повеќе тендери. 

- Пуцко Петрол е компанија која израсна во времето на коалицијата ДПМНЕ-ДУИ и е главен бизнис партнер на сите градоначачници на ДПМНЕ ама и на институциите кои ги водат. Само во последните 9 месеци, општини и институции раководени од ДПМНЕ имаат склучено 170 тендери со компанијата Пуцко Петрол. За ова треба да одговори ДПМНЕ. - Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.

- За дел од набавките, според информациите во јавноста, немало ниту јавен повик, а владата предводена од СДС, кога премиер е Зоран Заев, а Венко Филипче министер за здравство, внимавајте во една од набавките во декември 2021 година, директно го помогнала купувањето на канцероген мазут со 15 милиони евра буџетски пари! - Бојан Стојановски пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително, правосудниот систем на СДС и ДУИ преку мерка куќен притвор за еден од осомничените, синот на пратеникот Јахоски, праќа порака дека ако го крадеш народот и ако притоа со тие негови украдени пари дополнително и го труеш, следи само симболичен чин притвор во домашни услови.

Обвинителството за гонење на организиран криминал поднесе кривична пријава против 13 лица и една компанија од Скопје, поврзани со перење пари и злоупотреба на службена положба. Осомничените, меѓу кои има сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, се товарат дека набавувале гориво со сомнителен квалитет и го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра.