ОЈО-ГОК: Јахоски е во куќен притвор со одлука на Кривичен суд
Бил татко на четири деца, имал силни врски со државата, фирми со повеќе вработени и нарушено здравје – ова се причините што Кривичниот суд одлучил наместо во Шутка да му одреди куќен притвор на сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски - осомничен во истрагата за набавките на сомнителен мазут.
Од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска соопштија дека тие барале притвор за Јахоски, но дека предлогот не бил прифатен од судот.
ОЈОГОКК: „Сите овие околности, како што е истакнато во решението, одат во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство. Така, Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа. “
Претходно од кривичниот суд соопштија дека јавниот обвинител се согласил да се промени мерката во домашен притвор.
Кривичен суд Скопје: Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка.
Премиерот Мицкоски за случајот рече дека станува збор за лица кои што се богателе врз грбот и здравјето на граѓаните преку незаконска употреба на штетни горива. За тоа дали има инструмент со кој што може да се провери каков мазут бил увезуван рече дека дека ќе мора да се почека крајот на истрагата.
Христијан Мицкоски – Претседател на Влада: „Можам да кажам дека овие луѓе коишто правеле стотици милиони евра бизнис на грбот на граѓаните, практично се богателе на грбот на македонските граѓани со тоа што користеле, ете такви недозволиви, би рекол, средства и согорувале таков тип на недозволиви материи со што го загрозувале животот и го уништувале единственото право на живот коешто е уставно гарантирано за сите граѓани“.
Во меѓувреме партиите со меѓусебни обвинувања кој вршел влијанија врз судот за Јахоски да не оди во Шутка.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ велат „судиите на СДСМ и ДУИ го пуштиле дома синот на пратеникот Исмаил Јахоски“. Од СДСМ пак со контраобвинување.
СДСМ: Јасно е зошто има само куќен притвор за осомничениот Асмир Јахоски, од Пуцко Петрол.Старо-новата коалиција на ДПМНЕ и ДУИ очигледно си функционира одлично.
Реагираше и пратеничката на Левица Јована Мојсовска.
Иначе со ОЈО-ГОКК (Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција), кое бара куќен притвор само за Пуцко, раководи куќниот пријател на Ахмети, Ислам Абази. Затоа од ДУИ функционер не смее да оди во притвор.
Во Мала Речица молк. Од ДУИ, партијата на пратеникот Исамил Јахоски, не коментираат за обвинувањата на нивна адреса.
Асмир Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари... Осомничените се товарат дека набавувале гориво со сомнителен квалитет и го оштетиле државниот буџет за над 167 милиони евра.