Огнената стихија во Калифорнија не се смирува
Во пожарите од невидени размери кој од четвртокот беснеат во Калифорнија, загинаа повеќе од 30 луѓе, а стотици се водат за исчезнати.
Огнената стихија речиси целосно го пеплоса градот Перадајс, каде до темел се уништени околу 7000 домови, што е најмногу во историјата на Калифорнија. Пожарникарите, кои со булдожери и лопати се борат со огнот, очекуваат налети на ветер со брзина од 70 километри на час.
Велат дека очајот кај нив е се поголем поради сувите, таканаречни „ѓаволски ветрови“ кои се повеќе ги разгоруваат двата огромни, смртоносни пожари на спротивните краеви на Калифорнија.
„Ова не е новата нормалност, ова е новата абнормалност и ова нова абнормалност ќе продолжи сигурно во следните 10, до 15, до 20 години. За жал, најдобрата наука ни кажува дека сувото време, топлината, сушата, сите тие нешта, ќе се интензивираат“ - вели Џери Браун - гувернер на Калифорнија.
Гувернерот Браун побара помош од Белата куќа, по што претседателот Доналд Трамп одобри финансиски средства, но обвини за „слабо” справување со ситуацијата. Шерифот на округот Бат, Кори Хони изјави дека десетици тимови за пребарување, помагаат во потрагата по евентуално уште жртви.
„Во моментов е потврдено дека се исчезнати 228 лица. Пронајдени се останки уште на шест лица вон Перадајс со што бројот на жртви се зголеми на 31. Петмина од жртвите беа пронајдени во домовите, а едно тело беше во возило“ - Кори Хони - шериф на округот Бат.
До темел се изгорени и голем број имоти на светски познати личности. Актерот Жерард Батлер на социјалните мрежи сподели слика од својот дом во Малибу, кој изгоре во пожарот и ги повика луѓето да ги поддржат пожарникарите. За 250.000 луѓе се издадени налози за евакуација - меѓу нив и познати личности како Лејди Гага и Ким Кардашијан.
„Работите не се какви што беа пред десет години. Стапката на ширење е поголема отколку што беше порано. Ве молиме внимавајте на предупредувањата за евакуација. Немојте да останувате во вашите домови во обид да ги браните“ - вели Марк Лоренцен - шеф на пожарникарите во округот Вентура.
Луѓето кои бегаат од катастрофата засолниште бараат кај пријатели или роднини, како и во центрите за евакуација, поради што голем број јавни објекти се претворени во прифатни центри.
Сè уште нема прогноза за дожд, па според некои проценки, ќе бидат потребни околу три недели за целосно да се локализираат шумските пожари во Калифорнија.