Оглас за вработување во царинска управа
Foto

Оглас за вработување во царинска управа

Огласите за вработување во државните институции продолжија и по празниците. Царинската управа вработува 78 лица поради зголемен обем на работа, се комплетира и Државната изборна комисија со 9 лица, Државниот архив бара 16 луѓе и тоа на оглас кој е објавен во саботата, а трае до денес. Ова е само продолжение на огласите од пред празниците кога над 30 институции објавија слободни работни места за над 300 лица.Се бараа 84 лица за на патарините, 40 луѓе за работа во Министерство за транспорт, во МНР 27, во Дирекција на ТИРЗ 13, Агенција за вработување 27 и многу други. ТВ 24 повикувајќи се на владини извори, објави дека постпразнично следува нов бран вработувања во администрацијата до февруари кога треба да се распишат претседателските избори, период кога до изборот на новиот шеф на државата се забранети вработувањата.

Опозицијата и денес ја обвини власта дека пред избори купува гласови, преку вработување на партиски послушници.

„Наспроти се’ што од СДСМ зборуваа за администрацијата, наспроти како што ја најавуваа „функционална анализа за превработеноста во администрацијата“, наспроти најавите за префрлање на административци во приватниот сектор, власта спроведува груба, црна партизација, ново црно полнење на администрацијата, од кафекувари до советници, во очи на изборен период“ - изјави Наум Стоилковски, ВМРО-ДПМНЕ.

Експертите пак кои ги контактиравме беа разочарани дека продолжува праксата на предизборно полнење на администрацијата. Премиерот Заев рече дека огласите се само за пополнување на веќе испразнети работни места. Истото го тврдеа и дел од институциите кои вработуваа. Но, покрај продолжување на старите договори има и нови.Така за последниот оглас на Царината со кој бара 78 лица, директорот на царината Танасоски, за ТВ 24 вели дека тоа се продолжување на договорите кои ги имале на определно време во минатата година.

Но, во огласот од претходната година стои дека Царината бара 58 лица. Во тој оглас ги нема работните места за началник за одделени во кабинетот на директорот за кое сега се нуди плата од речиси 40.000 денари, ниту шеф на служба за кого се нуди плата од 34.000 денари и многу други. Од Царина иако ветија, не одговорија дали со новиот оглас има огласено нови работни места и колку. Инаку годинава од буџетот е предвидено да се потрошат над 460 милиони евра само за плати и надоместоци на административците.

0 Коментари

Остави коментари