Официјална Софија со нова закана за вето
Додека Бугарите во Македонија не бидат заштитени, Македонија нема да ги почне преговорите Европската унија, порача заменик-министерката за надворешни работи Велислава Петрова во студиото „Бугарија во живо“. За неа ескалацијата на насилството е основниот проблем кој е осудуван од двете страни.
- Се додека не се смени Уставот, Македонија нема да почне преговори со ЕУ. Прифатени се условите под кои можат да започнат, меѓу нив е и заштитата на правата, вклучително и правата на Бугарите. Патот на Македонија зависи од резултатите што ги покажува, промената на овој негативен тренд не е поврзан само со нашите билатерални односи, туку со нејзината кандидатура за членство во ЕУ. - изјави Велислава Петрова, заменик-министерка за надворешни работи.
Бугарија го повика на консултации во Софија нејзиниот амбасадор во Република Северна Македонија, Ангел Ангелов, јави бугарската новинска агенција БТА. Причината за неговото привремено враќање како што велат од бугарското министерство за надворешни работи е „тешката ситуација во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија и ескалацијата на злосторствата од омраза против нив во последните месеци“.
- Кривичните дела вклучуват: вербални напади и закани кон бугарски активисти, подметнат пожар во Културниот клуб „Иван Михајлов“ – Битола, три последователни напади врз зградата на организацијата „Цар Борис Трети“ – Охрид, агресивна антибугарска кампања на социјалните мрежи во Северна Македонија,нападот врз Христијан Пендиков и усвојувањето на Законот за здруженија и фондации во Република Северна Македонија. - МНР на Р.Бугарија
Претходно и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова кажа дека луѓето со бугарска самосвест во земјава се подложени на многу тешки судења и дискриминација.
- Бугарија ќе внимава на однесувањето на македонските власти за продлабочување на јазикот на омразата и навремено ќе бидат известени сите европски институции.“ - изјави Илијана Јотова, потпретседателка на Бугарија.
Бугарскиот академик Спас Ташев пак изјави дека Посетата на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на Бугарија е со цел да се затапе бугарската реакција на тепањето и неговите изјави ги окарактеризира како „Неофашизам“.
Инаку во Бугарските медиуми сега се тврди дека претепаниот Пендиков воопшто не бил дилер со дрога, дека полицијата не сакала да му помогне кога бил претепан и дури дека болницата одбила да го лекува.