Официјален Брисел за тв 24: ЕУ ја следи ситуацијата со потрагата по Мијалков многу внимателно
Ситуацијата со бегството на Мијалков е под будното око на ЕУ и САД - Интерпол се вклучува во потрагата.
Од официјален Брисел за тв 24 велат дека Европската Комисија од македонската влада долго време барала и инсистирала на одговорност за сите криминалии во државата, а во моментот Македонија е под лупа на Брисел.
- ЕУ ја следи ситуацијата со потрагата по Мијалков многу внимателно. Ние долго време инсистиравме на важноста да се утврди одговорност за сите злодела, вклучително и во случаите поврзани со нелегалните прислушувања. Засега, нема да коментираме за тековните кривични постапки. - Европска Комисија.
И од американската амбасада велат дека развојот на ситуацијата со бегството на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков е под нивен мониторинг.
Кејт Мери Брнз амбасадор на САД во Македонија – Ние навистина ја следиме ситуацијата и она што се случува на терен . Имаме информации од Владата и во секој случај ќе продолжиме да ја следиме состојбата. Имаме соработка. Во иднина доколку има нови случувања, ние ќе бидеме достапни за коментар.
Пораки пристигнаа и директно од Вашингтон . Портпаролот на Стејт департментот, по повод бегството на Сашо Мијалков, за Гласот на Америка изјави:
- Свесни сме за овие извештаи, и ја следиме ситуацијата одблизу. - Стејт Департмент.
Бегството на Мијалков е главна вест во речиси сите светски и регионални медиуми. Веста ја пренесуваат глобални агенции како Асошиејтет прес, преку американската телевизија „ABC news“, па се до медиумите во соседството.
Додека едните пишуваат дека Мијалков е во Монте Карло, други шпекулираат дека најбараниот човек во Македонија можеби избегал преку Бугарија. Трети пак дека веќе се наоѓа во Грција.
Националната бугарска приватна телевизија „БТВ“, пак освен ударната вест, објави и бекраунд на настаните со прислушувањето.

