Одземање на пасош и оддалечување од работно место – мерки на претпазливост за осомничениот виш јавен обвинител
Мерки за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за вршење службена дејност – му определи судија на претходна постапка при Кривичниот суд во Скопје на Пеце Везировски, виш јавен обвинител од Битола. Одлуката е донесена по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Основен кривичен суд: „Против П.В., кој се сомничи за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од Кривичниот законик, со оглед на фактот дека судот не може да му определи построга мерка од мерката предложена од јавниот обвинител, му се определуваат мерки за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности“, информираат од Кривичниот суд.
Од ОЈО ГОКК соопштуваат дека поседуваат докази дека осомничениот ургирл кај колеги обвинители и судии за изрекување пониски казни, со што обезбедувал поповолна позиција за осомничени или обвинети лица во кривичната постапка во најмалку четири предмети.
ОЈО ГОКК: „Обезбедени се докази кои упатуваат на основано сомнение дека тој го искористил своето реално влијание и службената положба што ја извршувал за недозволено да влијае врз одлучувањето на колеги јавни обвинители и судии во најмалку четири поединечни предмети, на подрачјето на кое ја вршел својата функција. Притоа, ургирал за пониски казни или за да обезбеди поповолна позиција за осомничени или обвинети лица во кривична постапка“, стои во соопштението на ОЈО ГОКК.
Од полицијата информираат дека осомничениот се гони за примање награда за противзаконито влијание. Оттаму соопштуваат дека извршиле претрес во неговиот дом во Причеп, како и во службените простории, при што бил одземен доказен материјал.
Гоце Андреевски, портпарол на МВР: Везировски е избран за шеф на Вишото јавно обвинителство Битола на 30 септември 2022 година. Неофицијално, акцијата се поврзува со постапката за враќање на пасошот на битолскиот бизнисмен Борче Марковски, кој е првообвинет во предметот за јавна набавка вредна околу 1,7 милиони евра, поврзана со дислокација на шест погонски станици од рудникот „Осломеј“ во РЕК „Битола“.

