Откако европските министри за здравство не се договорија за заеднички пристап кон употребата на вакцината „Астра Зенека“, европските земји продолжуваат со различни протоколи и правила за употреба. Најнова е одлуката на Шпанија која објави дека ќе ја дава вакцината само на постари од 60 години.
- Ова го правиме за да имаме време да донесеме најдобрата одлука за тоа дали луѓето треба да ја примат втората доза од оваа или од друга вакцина. - изјави Каролина Дариас, Министерка за здравство на Шпанија.
Анкета на белгиското здружение за заштита на потрошувачите покажа дека на 57 отсто од граѓаните во Белгија им е поткопана довербата во вакцината на „Астра Зенека“, поради постојаните проблеми со оваа компанија. Словенија и Хрватска засега немаат ниту еден случај на крвни згрутчувања од вакцината на „Астра Зенека“, а официјална Љубљана вели дека ќе продолжи вакцинацијата со оваа вакцина според досегашната стратегија.
- Со оваа вакцина ги вакцинираме луѓето од 60 до 65 години, нема да ја менуваме стратегијата барем до средината на април кога ќе ни стигнат вакцини од Џонсон и Џонсон. - изјави Бојана Беовиќ, советник на министерството за здравство на Словенија.
Од останатите земји Германија ја ограничи употребата на „Астра Зенека“ на лица постари од 60 години и им препорача на луѓето под 60 години кои ја примиле првата доза да добијат втора доза на друга вакцина.
Франција и Белгија ја даваат вакцината само на луѓе над 55 години. Во Финска се дава над 65 години, Италија препорача вакцинација само над 60 години. Велика Британија пак и другите земји на Унијата во моментов немаат ограничувања за вакцината на „Астра Зенека“.
0 Коментари