Одложено рочиштето за изградбата на клиничката болница - Штип

Наместо денеска рочиштето на кое штипски „Бетон“ бара два милиони евра од македонската подружница на грчки „Интракат“ ќе се одржи на 24-ти декември.

„Бетон“ тврди дека грчката компанија не им платила дел од фактурите иако работеле на изградбата на клиничката болница во Штип. Овој предмет  го изоде патот до Врховниот суд од каде го вратија на почеток. Основниот суд во Штип лани донесе одлука и за блокирање на сметката на грчката компанија, а штипски Бетон во два наврати побара и стечај.

„Пред Основниот граѓански суд Скопје поднесени се две барања за покренување стечајна постапка од страна на Бетон АД Штип против ПСТД Интраком Констракшнс - Интеркат. И во двата наврати барањето е одбиено. Едното решение станално правосилно во ноември лани, другото во февраури годинава“, велат од Основниот граѓански суд во Скопје.

А според последниот одговор од Министерството за здравство токму од решавањето на спорот помеѓу изведувачот и поранешниот подизведувач зависи иднината на Клиничката болница во Штип, откако Банката за развој на Советот на Европа најави повлекување од проектот, поради бавната динамика на изградба. Тоа значи дека државата ќе мора на друго место да бара дополнителни 14 милиони евра. 

„Во договор со Министерството за финансии изградбата ќе продолжи со друг финансиски извор, на што ова министерство  веќе работи, веднаш откако ќе се одглави процесот помеѓу изведувачот и првичниот подизведувач, односно ќе заврши спорот помеѓу овие две страни, велат од Министерството за здравство.

 

Засега нема информации дали Интракат ќе продолжи со изградбата на болницата или ќе се бара нова компанија. Рокот за завршување на првата фаза беше до 2019-та година. Грчката компанија доби неколку продолжувања на роковите и доплонителни седум милиони евра за измена на проектот, но изградбата не е завршена.