Одложени кредити, намалени камати – како ќе се преброди наредниот период?
Foto

Одложени кредити, намалени камати – како ќе се преброди наредниот период?

Граѓаните и компаниите може да очекуваат одложување на исплатата на ратите на кредити, репрограмирање, пониска каматна стапка и други поволности со кои ќе им се олесни отплатата на кредитите за време на корона-кризата. 

Владата ја донесе уредбата што претходно ја подготвија Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација. Сега останува банките да се подготват и да ги известат клиентите. Банките велат дека уредбата се уште не е излезена во Службен весник, но тие веќе ја утврдуваат постапката за олеснување на отплатата. Ги упатуваат граѓаните да ги следат нивните информации на веб страниците.

„Поради големиот интерес и прашања од клиентите, Ве информираме дека Комерцијална банка интензивно работи на концептите за репрограмирање на кредитната изложеност на физичките лица и на фирмите кои ги исполнуваат критериумите пропишани од страна на НБРСМ, односно на утврдување на прецизните мерки и начини на комуникација со клиентите со цел да се олесни финансискиот товар со кој се соочуваат или би можеле да се соочат како резултат на корона-кризата. Ве молиме да ја следите веб-страницата на Банката www.kb.com.mk каде во најкус можен рок ќе ги објавиме сите детали за ова прашање“ - велат од Комерцијална банка.

Но дали сите граѓани ќе добијат можност да го одложат плаќањето на дел од ратите за кредити? 

Самите банки се тие кои ќе одлучуваат каква понуда ќе им дадат на своите клиенти и дали воопшто ќе дозволат замрзнување. Постои можност за замрзнувањ на кретитите од 3 до 6 месеци, но ова може и да не важи за оние кои не се погодени со корона кризата. Сите овие отворени прашања банките дополнително ќе ги прецизираат. 

Според најавите на државните институции, олеснувањето ќе важи за сите кредитни производи: потрошувачки, станбени, хипотекарни, автомобилски кредити, кредитни картички, одобрен минус, кредити на фирмите. Целата процедура ќе се прави во вонредни услови, без да одат граѓаните во банка, на шалтер и без да потпишуваат анекс на договорот. На меил ќе добијат известување од банката за одложување на кредитот. 

Доколку не одговорат за 10 дена, ќе се смета дека ја прифаќаат понудата и нема да мора да го плаќаат кредитот. Во тој случај априлската рата ќе може да се плати најрано во јуни. 

„Секако останува и правото на кредитокорисниците да се обратат до банките и штедилниците, доколку оценат дека има потреба од тоа. Притоа, предвидено е тие да можат се обратат електронски или писмено, а одговорот ќе го добиваат преку електронска комуникација“, пишува во соопштението.

Граѓаните, сепак, следејќи ги решенијата во другите земји, очекуваа општ мораториум на отплатата на кредитите додека трае кризата. Таква опција имаше и во пакетот антикризни мерки што на Владата ѝ ги понуди владејачката СДСМ. Таа опција не можела да се реализира, како што појасни гувернерката, затоа што Народната банка нема законска надлежност да го пропише тој мораториум.

0 Коментари

Остави коментари