Одложена седницата на Советот на јавни обвинители, се уште не се доставени пријавите од кандидатите за јавен обвинител
Кандидатурите за државен јавен обвинител се уште не се пристигнати до Советот на јавни обвинители. Претседателот на Советот Башким Бесими изјави дека откако ќе пристигне листата, на седницата ќе се разгледаат предлозите и Советот ќе даде позитивно или негативно мислење за нив и најави дека во законски рок ќе ја известат Владата.
Башким Бесими-претседател на Совет на Јавни обвинители
„До овој момент, се уште не пристигнале пријавените кандидати на огласот. Кога ќе пристигнат, во законски рок од 15 дена ќе дадам одговор на кандидатите. Ние предлогот го праќаме до Владата на РСМ и Владата согласно Закон ќе даде еден кандидат. Ние можеме да дадеме двајца/тројца.. Владата е последна алатка која дава предлог до Собранието.“
Откако ќе се извести Владата и оттаму ќе предложат до Собранието еден кандидат од позитивно оценетите, на потег ќе биде Собранието, а за избор потребно е најмалку 61 пратенички глас. Оваа постапка следи откако екс државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во декември минатата година си поднесе оставка. Во моментов функцијата в.д. државен јавен обвинител ја извршува Анита Тополова-Исајловска, но најмногу до шест месеци.
Дел од кандидатите јавно ја потврдија својата кандидатура, а во трката за републичкото обвинителство се бори в.д. државната јавна обвинителка Анита Тополова Исајловска, обвинителките Ленче Ристоска, Лидија Раичевиќ, поранешниот претседател на Кривичен суд, Владимир Панчевски и судијата Ненад Савевски од скопскиот Кривичен суд.
Инаку денешната седница на Советот на ЈО се одложи затоа што немаше кворум за работа, а беше предвидено и разгледување на записникот на Комисијата по постапка за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, поднесена од обвинителката Ленче Ристовска, како и донесување одлуки за објавување огласи за избор на јавни обвинители во обвинителствата во Ресен, Крива Паланка и Кочани.

