Одложен е тендерот на ЕВН Хоум
Одложен е тендерот на ЕВН Хоум, на кој државните електрани требаше да достават понуда за цената на електричната енергија за домаќинстватa. Од компанијата соопштија дека наместо денес, понудите ќе се разгледуваат на 28 ноември.
Од ЕВН Хоум велат дека одложувањето го побарале понудувачите.
„Од технички причини, на барање на некои од понудувачите, а со цел зголемување на конкуренцијата, на 27 ноември ќе биде тендерот за понудите на Електродистрибуција, а на 28 ноември за ЕВН Хоум.“
Од цената што ќе ја понуди ЕСМ најмногу ќе зависи какви сметки за струја ќе плаќаат граѓаните од 1 јануари. Моментално, мегават-час од државните електрани чини 60 евра, но останатите енергетски компании до Регулаторната комисија за енергетика доставија барања за поскапувања од 50 до 80 проценти. Претседателот на комисијата Марко Бислимовски, оцени дека овие барања се неприфатливи.
Новите цени за пренос и дистрибуција на електрична енергија се очекува да бидат утврдени до крајот на ноември. Во меѓувреме, ЕСМ продолжува со набавки за покривање на домашните потреби. Во тек е тендер за купување над 60 илјади мегават-часови струја, а цените на берзите достигнуваат над 300 евра за мегават-час, што дополнително го оптоварува буџетот на компанијата. Во истовреме, од ЕСМ соопштија дека новиот топловод под мостот Беласица, кој беше завршен за помалку од два месеци, од ноќеска е ставен во целосна функција.
„Иако првично беше предвидено привремено прилагодување на квалитетот на испораката за мал дел од корисниците за време на финалните активности, ефикасната координација и професионалноста на екипите овозможија поврзувањето на новиот топловод со постоечкиот систем за дистрибуција на топлинска енергија да помине без никакви прекини или отстапки во квалитетот на испораката. Задоволен сум што со тимска работа и вложување на натчовечки напори успеавме да го завршиме зафатот за 40 дена и овој капацитет веднаш да го ставиме во целосна функција.“
Новата инфраструктура треба да обезбеди стабилна и сигурна испорака на топлинска енергија за сите корисници, особено во претстојниот зимски период.