Одбраната во предметот “Пулс“ се уште ја чека оценката за обвинителниот акт
Обвинителниот акт за предметот Кочани за скоро ќе биде доставен до обвинетите и нивните адвокати потврдија за ТВ 24 од Кривичниот суд Скопје. Дали ќе го прифати обвинителниот акт, судот ќе донесе одлука откако ќе заврши целата процедура со доставите и жалбите поврзани со обвинението.
Кривичен суд Скопје: „Се работи на достава на обвинението до обвинетите и адвокатите. Откако ќе го добијат имаат рок од 8 дена за жалби. Кога ќе заврши целата процедура тогаш судот одлучува дали ќе го прифати обвинителниот акт. Потоа следува закажување на судскиот процес, информираа од Кривичниот суд Скопје.
Информациите на ТВ 24 говорат дека процедурата ќе потрае, а летово мали се шансите да започне судскиот процес за една од најголемите трагедии во Македонија.
Дел од одбраната на обвинетите реагираат што обвинителнот акт се уште не е доставен до нив - иако истиот е оформен пред 26 дена.
Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ вели дека обвинението требале одамна да го добијат, но очигледно има некаков проблем.
На фејсбук се огласи и адвокатката Сузана Јошевска
„Поминаа 25 дена од пресот на обвинителството и никој сеуште не го видел обвинението за пожарот во Кочани.Сите изречени притвори и мерки во овој период ќе бидат основа за утврдување повреда на чл.6 од ЕКЧП.Им должите на жртвите и на семејствата, ако не на обвинетите, правична и законита постапка.
На обвинителната клупа во Кривичниот суд во Скопје ќе седнат 34 физички лица. Во обвинението се опфатени и трите фирми на сопственикот на дискотеката кој е првообвинет. Обвинетите се товарат дека со своето постапување или непостапување во системот - предизвикале катастрофа во дискотеката Пулс во Кочани која проголта 62 лица.
За предметот пак што го води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за вмешаноста на полициските службеници во трагедијата во Кочани, истрага се уште е во тек.

