Одбраната на Васев ги оспорува вештачењето и лиценцата на вештакот од словенија на судењето за онкологија

Одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев ги оспорува вештачењето и лиценцата на вештакот од Словенија – продолжи судењето за случајот Онкологија.

Вештите лица од Словенија, кои ги работеле медицинските вештачења за Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје одговараа на вкрстени прашања на одбраната на Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти.  

Вештачењето на медицинската документација за лекувањето на вкупно 51 пациент за Обвинителството го имаат изработено вештакот Маја Равник од Медицинскиот факултет во Марибор, Словенија, заедно со асистентката. За тоа дали се запознала со протоколите во Македонија, Равник рече дека не се согласува со мислењето дека европските протоколи важат само за ЕУ бидејќи се исти како и протоколите и насоките на ниво на цел свет.

СВЕДОК

- Дозволувам минимални разлики при државните протоколи, кои може да се однесуваат на националните пракси, но стручно не смее да ја заобиколат со докази поткрепената медицина. Затоа тврдам дека земајќи ги предвид меѓународните протоколи, праксата не би смеела да отстапува од тие правила.

На прашање од одбраната зошто во вештачењето не дава податок кој доктор, кога и со кој документ ја препишал конкретната терапија, со оглед дека врз основа на тоа треба лицето што направило пропуст да биде осудено, Равник рече дека во нејзиното вештачење можела да даде мислење дали лекувањето било во согласност со добрата клиничка пракса. 

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а за сослушување на вештите лица од Словенија се закажани повеќе рочишта неделава.