Одбраната на еден од обвинетите во Пулс бара од ОЈО објаснување зошто до сега не е познато дека објектот немал приклучок и броило од ЕВН
Адвокатите на 30-то обвинетиот во случајот Пулс, Миле Ампов, Ванчо Шехтански и Стефан Ристовски, вложиле поднесок до Кривичниот суд во Скопје, со кој бараат Основното јавно обвинителство да им даде информација за тоа зошто до сега останал непознат фактот дека објектот Пулс, каде што се случи стравичниот пожар, немал приклучок и броило од ЕВН и во тој случај да го објасни начинот на кој работел објектот во делот дали имало електрично броило од ЕВН или користеле друг начин за напојување со електрична енергија што е исклучително важно за кривично-правниот настан, стои во поднесокот од одбраната на Ампов.
Од одбраната за ТВ 24, велат дека Обвинителството молчи за овој факт а по поднесокот им најавиле дека писмено ќе се произнесат. Според претходно изнесените докази и сознанија, објектот користел електрична енергија од фотоволтаици на триста метри од таканаречената дискотека, до која струјата била водена со кабел. Се претпоставува дека црна прскалка удрила точно во кабелот на таванот.

