Одбележана 80-годишнината од формирањето на Комунистичката партија на Македонија

На денешен ден во 1943 година, во куќата на тетовското семејство Јовановски, формирана е Комунистичката партија на Македонија (КПМ). На состанокот на кој учествувале Кузман Јосифовски-Питу, Стахил Гигов, Цветко Узуновски, Мара Нацева и Бане Андреев-Ронката донесена е одлука која беше од огромно политичко значење за развојот на македонското националноослободително движење и за развојот на вооружената антифашистичка борба на македонскиот народ.

 

По тој повод денес, во куќата на Јовановски, која е дел од Музејот на Тетово, се одржа свеченост на која беше одбележана 80- годишнината од формирањето на КПМ. 

„Формирањето на Комунистичката партија на Македонија на 19 март 1943 година и изборот на Централниот комитет значеше осамостојување на политичкото раководство на Македонија“, рече во историскиот час Миќо Стојчевски, директор на Музејот на тетовски крај.

Во организацијата и обезбедувањето на состанокот на кој е формирана КПМ активно учествуваа голем број тетовски револуционери, меѓу кои и Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче, кои по војната се прогласени за Народни херои.