Одбележан Денот на јавните службеници – Мицкоски со порака дека државниот службеник претставува огледало на државата
Државниот службеник секаде и тука претставува огледало за тоа што претставува државата. Без силна, стручна, одговорна и почитувана јавна администрација, нема ниту држава, ниту реформи, ниту вистинска демократија, порача денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски на одбележувањето на Денот на јавните службеници во организација на Министерството за јавна администрација.
Во своето воведно обраќање, Мицкоски посочи дека денешниот ден не е само формалност, туку повик за реформи за како што рече, конечно надминување на болестите кои предолго ја разјадувале јавната администрација.
– Денешниот ден не е само формалност, тој е и повик. Повик за пресврт, повик за реформа, повик за конечно надминување на болестите кои предолго ја разјадуваа јавната администрација и за кои мораме да бидеме свесни: партизација, непотизам, неефикасност, клиентелизам. Дојде време за промена. Вистинска промена. Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа. За време во кое знаењето и трудот ќе бидат поважни од партиската книшка. За време во кое институцијата ќе служи на граѓанинот, а не граѓанинот на институцијата. За време во кое професионалноста ќе биде стандард, а не исклучок. За време во кое службеникот ќе биде горд што е дел од јавната администрација, а граѓанинот ќе знае дека ќе биде услужен со почит, ефикасно и дигитално, рече Мицкоски.