Од утре се собираат потписи за независни листи на локалните избори
Foto

Од утре се собираат потписи за независни листи на локалните избори

Постапката за собирањето потписи на избирачите за кандидирање на локалните избори започнува утре (16 август) согласно Роковникот на Државната изборна комисија, а завршува на 30 август на полноќ. Повеќе групи на граѓани најавија собирање потписи за учество со свои листи на локалните избори и тие веќе и се познати на јавноста.

Потписите се собираат пред службените лица на ДИК и пред надлежен нотар на образец утврден од Комисијата во терминот од 8 до 20:00 часот, а на 30 август до полноќ 

Подносителот на листа определува пред кои нотари ќе се собираат потписи и за тоа ја известува ДИК, која на својата интернет страна објавува листа на нотари пред кои подносителите на листа собираат потписи. Трошоците за собирање на потписи пред нотар ги сноси подносителот на листата. Секој избирач својот потпис може да го даде за повеќе листи на кандидат за градоначалник. Избирачите кои ја поднесуваат листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште на подрачјето на општината.

Кога подносител на листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е да се соберат во општината до 10.000 жители најмалку 100 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, во општината од 10.001 до 30.000 жители најмалку 150 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, во општината од 30.001 до 50.000 жители најмалку 250 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, во општината од 50.001 до 100.000 жители најмалку 350 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, во општината над 100.001 жители најмалку 450 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината и во градот Скопје најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список на подрачјето на градот Скопје.

Листите на кандидати за членови на советот и листата на кандидат за градоначалник на општината, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ОИК.

Листите на кандидати за членови на советот на градот Скопје и листата на кандидат за градоначалник на градот Скопје, овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до избирачките комисии на Градот Скопје најдоцна на 11 септември, до 24:00 часот- 35 дена пред денот на одржување на изборите.

ОИК врши проверка на листите најдоцна во рок од 24 часа од приемот на листата и исто така доставува барае за проверка на податоците од листата до институциите веднаш или најдоцна 24 часа по поднесувањето односно на 12 септември. Институциите се должни повратните информации до ДИК да ги достават во електронска форма за 24 часа.

Доколку ДИК утврди дека листата е составена согласно Изборниот законик ја потврдува во рок од 24 часа, додека доколку се утврдат неправилности или пропусти им се дава 48 часа на подносителите да ги отстранат. Откако ќе се констатира дека листата е во согласност со Изборниот законик се потврдува со решение.

Најдоцна на 23 септември ДИК на својата веб страна, а ОИК во сите население места ќе ги огласи утврдените листи за градоначалници и за советници.

Кампањата за локалните избори започнува на 27 септември на полноќ и трае до полноќ на 15 октомври.

0 Коментари

Остави коментари