Од утре плаќањата во евра стануваат поевтини и побрзи
Нема веќе високи провизии за плаќање во евра кон странство или за добивање евра од странство. Македонија од утре и практично станува дел од Единствената област за плаќање во евра СЕПА. Тоа значи дека граѓаните и компаниите ќе можат да вршат трансакции со европските земји шест пати поевтино и многу побрзо.
Ако досега трансфер од 500 евра чинеше околу 1600 денари, од утре ќе чини само 260. Надоместоците се преполовуваат и за приливите од странство. За истата сума од 500 евра, граѓаните ќе плаќаат околу 140 денари, наместо сегашните 280. На својот профил на платформата Х, веста денеска ја потврди гувернерот Трајко Славески.
„Од утре, 7 октомври, плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) ќе бидат околу 6 пати поевтини и побрзи. Плаќање од 500 евра кое досега чинеше околу 1600 денари, од утре ќе чини околу 260 денари. СЕПА значи побрзи, поевтини и посигурни плаќања во евра за граѓаните и компаниите.“
За компаниите придобивките се уште поголеми. За трансакција од 20 илјади евра, провизијата ќе изнесува околу 570 денари, наспроти речиси 5 илјади колку што чинеше досега. Освен што ќе заштедат пари, граѓаните и фирмите ќе заштедат и време. Повеќе нема потреба од шалтери и хартиени документи.
Трансферите ќе може да се иницираат преку мобилно и електронско банкарство, а парите најчесто ќе стигнуваат до примателот за еден работен ден. Од утре девет домашни банки стартуваат со СЕПА плаќања и тие денеска веќе ги информираат своите клиенти. Останатите институции ќе се приклучат најдоцна до март следната година.
Македонија официјално стана членка на СЕПА во март оваа година, а со практичната примена од утре се отвора патот за поевтини и посигурни трансакции со сите 40 земји членки.

