Од утре, наместо Регулаторната комисија за енергетика, цените на горивата сами ќе ги одредуваат трговците
Foto

Од утре, наместо Регулаторната комисија за енергетика, цените на горивата сами ќе ги одредуваат трговците

Новите цени на горивата од ноќеска на полноќ граѓаните ќе ги дознаваат на бензиските станици. Наместо Регулаторна, трговците сами ќе одлучуваат по која цена ќе ги продаваат. Првиот човек на Комисијата, Бислимоски ги повика трговците да не влегуваат во авантура и да не предизвикуваат ценовни шокови.

„Не очекувам трговците да си направат било каква авантура и да предизвикаат од утре билокаков ценовен шок. Доколку влезат во таква авантура при носењето на новата методологија ние тој нивни однос ќе го земеме во предвид. По старата методологија отприлика требаше да бидат цените исти како и до сега. Има мали поместувања, можно е да има мало намалување кај бензините, а исто или минимално зголемување кај дизелот“ - изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

По повикот на Регулаторна, „Макпетрол“ ги соопшти новите цени. Компанијата од утре ги намалува за еден денар цените на бензините, а цената на дизелот расте за половина денар.

Инаку правниот вакум настана откако минатата недела истече договорот со „Хеленик“ петролеум“, според кој Регулаторна ги утврдуваше цените на дериватите, а законските измени не ги потпиша поранешниот претседател Иванов. Сега се чека тие по втор пат да се гласаат во Собрание. По што Бислимоски очекува во понеделник Регулаторна пак да ги одредува цените.

Сепак, иако заврши штетниот договор со „Окта“ на кој Регулаторна се правдаше изминатите 20 години, сепак граѓаните повторно нема да плаќаат поефтино гориво. Регулаторите гарантираат само дека со новата методологија која ја подготвуваат цените нема да бидат повисоки. Тоа што ќе го нема трошокот од 29 долари за тон кој мораше да и се признае на „Окта“, сега ќе се претопи во зголемените трошоци за транспорт, складирање, маржа за трговците. Првиот човек на Регулаторна вели - не сакаат од трговците со нафта да направат загубари.

„Окта и ќе треба да платат одредена маржа на трговците од кои што купуваат од странство. Дел од тие 29 долари за тон ќе отидат таму. Граѓаните кога ќе влезе во сила новата методологија нема да плаќаат поскапи цени. Ако ви кажувам дека имаме најефтини цени во Европа не знам уште колку поефтини. Дали сакате и дали сметате дека и нашите трговци со нафта и нафтени деривати треба да ги доведеме во ситуација да станат загубари“ - изјави Бислимоски.

Со новата методологија наместо секој втор понеделник, Регулаторна ќе утврдува цени на горивата секој понеделник.

0 Коментари

Остави коментари