Од стар магацин за теписи до дискотека - кој дозволил да работи објектот?

Од импровизираниот клуб Пулс не побарале елаборат за противпожарна заштита, не поднеле извештај до службите дека ќе се организира настан со голем број луѓе со цел да се обезбеди противпожарно возило и брза помош на концертот, а се уште се утврдува дали објектот воопшто легално бил пренаменет како дискотека откако бил изграден пред 26 години, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување и од противпожарната бригада на Кочани за ТВ 24.

Во елаборатот за кој засега нема евиденција дека постои, на оваа импровизирана дискотека која порано била продавница за теписи, всушност и би се утврдило дали во Пулс смееле да користат пиротехнички средства и дали ги исполнувале основните услови за безбедно организирање на настани. 

Според неофицијалните информации, кровот кој се запалил бил азбестен што довело до побрзо горење и негово колабирање, не постоел никаков план за евакуација, по што се создало стампедо за излез од единствената врата, а материјалите од кои бил изграден пред 26 години не биле  соодветни за таков објект да биде дискотека.