Од првачиња до студенти: Иселувањето ги празни училиштата и ги гасне занаетите
Бројките веќе не се само статистика – тие се предупредување. Секоја нова учебна година започнува со сè помалку запишани првачиња во основните училишта, но бранот на иселување веќе одамна ги зафати и следните генерации.
Сè помалку млади луѓе ги полнат средношколските клупи, а амфитеатрите на факултетите ја губат масовноста што ја имаа минатите децении. Младите сè почесто ја донесуваат одлуката за заминување, а пакувањето куфери за подобар животен стандард, поквалитетно образование или подобра перспектива станува редовна слика наместо исклучок.
Оваа масовна миграција директно удира по домашната економија. Дефицитот на кадар денес се чувствува речиси во сите стопански и општествени гранки – од здравството, па сè до угостителството и индустријата.Сепак, најостра е кризата кај занаетчиските професии. Младите сè поретко се одлучуваат да учат занает.
Интересот за стручните училишта за профили како водоинсталатери,чевлари, електричари, столари, автомеханичари или градежни работници е на историски минимум. Старите мајстори полека заминуваат во пензија, а нема кој да ги наследи нивните работилници.
Додека пазарот на труд бара практични вештини и конкретни занаети, интересот кај новите генерации згаснува, што го отвора прашањето: Кој ќе ги врши основните услуги во општеството за само неколку години?

