Од понеделник дополнителни 12 лекари и 20 медицински сестри ќе ги засилат воените екипи кои помагаат во здравството
12 лекари и 20 медицински сестри од военото здравство од понеделник ќе ги засилат воените екипи кои помагаат во јавното здравство, најави министерката за одбрана Радмила Шекеринска по денешната промоција на лабораторијата за кризен менаџмент во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.
Таа појасни дека полицајците и војската нема да ги обезбедува сите институции како што беше тоа за време на вонредната состојба и полицискиот час.
В.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов појасни дека се работи за обезбедување на здравствени институции, амбуланти, ковид амбуланти, или евентуално магацини во кои би се чувала роба која е поврзана со здравствената криза.
А министерот за здравство Венко Филипче денеска по средбата со директорите на ковид – центрите од комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје најави отворање и на нов ковид – центар на Клиниката за уво, нос и грло, каде ќе можат да бидат сместени дополнително 50 болни.
Остануваат на располагање и капацитетите во делот од Хируршките клиники кои, како што најави Филипче ќе бидат отворени по потреба во наредните неколку дена.