Од полноќ стартува кампањата за локалните избори
Oд ноќеска на полноќ стартува изборната кампања за локалните избори чиј прв круг ќе се одржи на 19 октомври. Кампањата ќе трае до 17 октомври, а кампањата за вториот изборен круг, кој ќе се одржи на 2 ноември, ќе трае до 31 октомври. Државната изборна комисија веќе го заклучи избирачкиот список, според кој, право на глас на изборите имаат вкупно 1милион 832 илјади 415 избирачи. На овие локални избори, осми од независноста на државата, има вкупно 309 кандидати за градоначалници и 577 кандидатски листи за членови на општинските совети со вкупно 10 илјади 499 кандидати. Во државата се регистрирани 3 илјади 480 избирачки места, од кои во 132 избирачки места се потпишани помалку од десет избирачи. Гласањето за нив, како што соопштија од Државната изборна комисија, ќе се спроведе на најблиското избирачко место.
На првите девет места од гласачкото ливче се наоѓаат парламентарните партии и коалиции, редните броеви од 10 до 33 ќе ги заземат вонпарламентарните политички партии и коалиции, а независните кандидатски листи на гласачкото ливче ќе бидат на редните броеви од 34 до 153. Досега биле поднесени четири барања за набљудување на изборите и тоа од центарот за развој, реформи и обуки за изборни системи – Грузија, од амбасадата на Република Словачка во земјава, централната изборна комисија на Украина и здружението институт за истражвуање и аналитика на политика ромалитико – Скопје.

