Од ОЈО за ТВ 24: Обдукцијата покажа дека повеќе кислород немало да ја смени состојбата

Дали доколку имало доволно боци со кислород во кочанската болница по пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе ги спасил жртвите или не? Од Обвинителството за ТВ 24 велат дека со вештачењата од вештите лица докажале дека дополнителен кислород немало да смени ништо.

Основно јавно обвинителство

„Со обдукцијата е потврдено дека повеќе кислород не би ги спрасил жртвите, поради природата на вдишаните гасови. Вештите лица, по барање на родителите во таа насока експлицитно се произнесоа околу ова. Истото им беше разјаснето и на родителите на средбата.“

Здравствените власти пак, оставаат да заврши правната постапка. Министерот за здравство Азир Алиу без конкретен одговор дали кочанската болница имала доволно боци со кислород кобната ноќ.

ИЗЈАВА Азир Алиу-министер за здравство

„Како министер за здравство задолжение ми е креирам политики и да ги следам тие политики ккао се имплементираат во здравствениот систем. Правниот момент и процесите не би сакал да ги коментирам. Во тек е целата постапка, да оставиме на времето и да видиме каков тип на резултати ќе добиеме. Јас ве уверувам дека во моментот додека јас раководам со ова министерство ќе направиме се' и тоа ми е во топ приоритет-Кочани, за да може инфраструкторно болницата во Кочани да биде соодветно опремена.“

Семејствата на починатите и повредните од пожарот и по повеќе од 100 дена и 100 крика, велат до крај ќе ја бараат правда и одговорност. На вчерашниот „Марш за ангелите“ во Кочани, апелираа уште една трагедија да не заврши неправедно. Бараат одговорност од оние надлежни институции кои тврдат не постапиле навремено.

ИЗЈАВА родител

„Уште поголема е болката од недоволната грижа на докторите, директорот и болницата во Кочани-единствена болница со проширена дејност во нашиот град. Наместо доволно кислород и персонал за да се погрижат соодветно, навреме да пружат помош на сите повредени. Болницата требаше да биде подготвена, наместо тоа нашите деца не ја добија помошта што им беше најпотребна.“

Пред речиси две недели ОЈО поднесе обвинение за 34 физички и 3 правни субјекти за загрозување на општата безбедност. Додека во ОЈОГОКК се уште е отворена истрагата за полициските службеници. И до нив вчера стигна повик од семејствата, да не ја одложуваат истрагата туку како што порачаа полицајците кои требало да ја превенираат трагедијата и да ги спасат децата, треба да одговараат.