Од обвинувања за „малтретирано бебе на етничка основа“, до недоразбирање - кој ќе одговара за неоснованата паника?

Медицинската сестра од детската клиника воопшто не го повредила тримесечното бебе, чие семејство излезе со јавни обвинувања кон неа. Ова го утврдила стручната комисија на клиниката, а го потврди и директорот Реџеп Мемеди.

Модринките на телото на бебето се појавиле по земање крв за анализа и целиот случај првиот човек на клиниката го нарече недоразбирање, а семејството и сестрата на крај си подале рака.

„Немало апсолутно никаква намера на медицинската сестра за нанесување повреда, туку тие хематоми, односно модринки на десната рака настанале во текот на процедурата земање венска крв за анализи на ден 11 јули, која е реализирана од страна на две медицински сестри, при што едната сестра ја фиксира раката на детето, надлактица и подлактица, а другата сестра боцка во вена. Сметаме дека најверојатно во основа причина за алармирање на случајот од страна на родителите е едно недоразбирање меѓу дедото на детето и медицинската сестра кое се случило претходно на ден 7 јули и губење на довербата на родителите кон медицинската сестра.“ - изјави д-р Реџеп Мемеди директор на УК за детски болести - Скопје.

Министерот за здравство пак Арбен Таравари изјави дека се уште нема добиено псимен извештај од Комисијата, но потврди дека нема никакви докази дека намерно било повредено бебето.

„Некакви докази дека тоа е намерно направено нема. Да бидеме внимателни, да ги слушнеме и двете страни. Не верувам дека постои здравствен работник кој е подготвен да повреди дете од три месеци. Да бидеме внимателни, очекувам писмено да ги прочитам сите констатации на Комисијата од Клиниката, па ќе ве известам.“ - изјави Таравари.

Целиот случај дополнително доби и меѓуетнички карактер, по обвинувањата на семејството дека наводно станувало збор за етничка нетрпеливост кај сестрата кон мајката на бебето, по што следеа и реакции од дел од политичките партии.

Дополнително директорот на клиниката и министерот за здравство отидоа во посета на семејството, по што Таравари најави и отказ од работа за сестрата ако се докаже дека случајот е вистина.

На прашањето дали правилно постапиле без прво да се направи проверка и да се слушне страната на сестрата, но и дали се избрза со прерани заклучоци, Таравари и Реџепи со одговор дека пациентите мора да бидат сослушани.

„Апсолутно јас ќе продолжам и ќе го посетам секој пациент што ќе ми пише и лично и на „Вибер“ и „Ватсап“ што ги имаме во министерството за здравство за пријавите, ние треба да постапуваме и секогаш да бидеме со пациентите, но и со здравствените работници.“ - рече Таравари.

„Не сносиме ние одговорност за коментарите на индивидуалци, ние одговараме за конкретни за официјални податоци кои ги анализиравме и донесовме заклучоци.“ - рече Мемеди.

Реакции за случајот претходно имаше и од Унијата на медицински сестри и од здравствените синдикати кои апелираа пред да се напаѓа медицинскиот персонал со сериозни обвинувања, надлежните темелно да го испитаат случајот.