Од некогашен репрезент до руина - Тажната приказна на хотелот "Битола" 

Искршен инвентар, распаднати зидови, влага и мувла, празна искршена кујна.Наместо да биде репрезент на градот, хотелот "Битола" е претворен во вистинска руина која истовремено буди тага, но и загриженост кај битолчани.

Пред нивните очи тоне објектот кој имал повеќе намени,пензионерите го користеле како пензионерски дом, но се сместувале и гости,туристи спортисти. Во ресторанот се одржувале голем број  прослави. Граѓаните го паметат како култно место во градот на конзулите. И покрај неговото значение ниту една власт досега не презела ништо за да го зачува од распаѓање иако сите биле запознаени со ситуацијата.

Од Општина Битола велат дека се свесни за сликата која се испраќа од ова место, но дека рацете им се врзани оти хотелот е во сопственост на Фондот за ПИОМ.

„Поради лошата состојба во која се наоѓа, Општина Битола, побара од претходната Влада, во 2022 година, овој објект да биде отстапен на општината, со цел инвестирање во објектот, но Владата ги одби барањата на општината за отстапување на Хотел „Битола“ и детското одморалиште „Пелистер“.

Години наназад и пензионерите за кои првично бил наменет објектот го барале под концесија но неколкупати досега биле одбивани од државата. Сега повторно бараат средба со новото раководство на ПИОМ за нов обид.

Домот со хотелот биле изградени со средства на пензионерите во рамките на Фондот за станбена изградба. Истите нуделе капацитет од околу 300 легла,ресторан со кујна,бизнис ресторан, магацин и фоаје.

 Клуч на вратата е ставен во март 2022, кога е иселен и последниот станар. ПИОМ го има огласено трипати на продажба, последно по цена од 2,7 милиони евра, но не се пријавил купувач. Последните најави од фондот се дека се бараат средства за реконструкција на објектот.