Од Мерцедес си оди првиот човек на одделот за мотори

Актуелниот шампион во Формула 1, тимот на Мерцедес, соопшти дека ќе се раздели со првиот човек во секторот погонски единици, Енди Коуел. Ова е веќе 16-та сезона за Коуел во Мерцедес, но од 2014 е менаџер на секторот за мотори, што коинцидира со доминацијата на германскиот тим и со почетокот на хибридната ера, со В6-моторите.

Коуел ќе отстапи од позицијата менаџер за погонски единици и ќе биде заменет од Хајвел Томас, меѓутоа ќе останел во тимот како советник на Томас, барем до почетокот на 2021, велат од Мерцедес. Сезоната во Формула 1 почнува на 5 јули, со првата од две предвидени трки во Австрија. Засега закажани се првите осум трки и се чека да се доработи конечниот календар за 2020.