Од мај, цената на горивата ќе се прави според нова формула
Foto

Од мај, цената на горивата ќе се прави според нова формула

Трговците со нафта и нафтени деривати бараат државата да им дозволи поголема заработувачка од продажбата на горивата. Од сегашните 3,2 денари од секој продаден литар, маржата или заработувачката од следниот месец да биде над 6 денари. Претседателот на Регулаторна вели во моментов се преговара со трговците, не само за маржата, туку и за целата формула за формирање на цените на горивата, зашто од 8 мај веќе нема да важи договорот со ОКТА. Дали новата формула ќе повлече повисоки цени на бензинот и дизелот, кои од нова година наваму постојано растат? Бислимовски не очекува ценовни шокови. 

Што точно ќе се смени во начинот на формирање на цената на горивата? И понатаму таа ќе зависи од курсот на доларот и цените на нафтата на светските берзи. Но ќе се исчисти од непотребните давачки, како што е производство, зашто ОКТА не работи со години па сите деривати се увезуваат како готов производ. Но државата ќе мора да има поголеми залихи на државните нафтени деривати и да плаќа за нивно чување, а тоа ќе биде товар кој целосно ќе падне врз граѓаните.

Цената на горивата наместо на две, најверојатно ќе се одредува секоја недела. Активирањето на нафтоводот од Солун до Скопје треба да ги намали трошоците за транспорт на нафтени деривати што сега претежно се врши со цистерни. Но дали тоа ќе се случи, зависи како ќе завршат преговорите меѓу државата и грчаката „Хеленик петролеум“, која истовреме бара отштета од нас во висина од 32 милиони долари, заради неiсполнети обврски од договорот со ОКТА.

0 Коментари

Остави коментари