Од Клиниката за онкологија и од два стана во Скопје одземени и дадени на вештачење компјутери и документација

Врз основа на судска наредба а по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и на уште две локации во приватни станови во Скопје.

Одземени беа компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење.

Од Обвинителството велат дека продолжува предистражната постапка, поведена врз основа на наводите во новинарски текстови  а поврзани со работата на клиниката.

Проверките се прават со цел обезбедување докази за да се испитаат евентуални кривични дела.

Од Министерството за здравство ги осудија сите обиди на поединци или групи кои преку дискрециони овластувања направиле ненадоместива штета врз здравјето и животот на пациентите. Очекуваат институциите да се произнесат брзо по однос на истрагата. 

Утрово, клиниката за онкологија функционира нормално.