Од денеска струјата во Македонија ќе се тргува речиси „од час за час

Нема опасност од енергетска криза во земјава, тврдат властите. Со стартот на интрадеј пазарот за електрична енергија, Владата уверува дека македонскиот енергетски систем станува постабилен, потранспарентен и поотпорен на ризици.

Новата алатка која ја воведе Националниот оператор на пазар на електрична енергија МЕМО овозможува тргување со струја речиси во реално време, што според надлежните ќе помогне побрзо да се реагира при евентуални дисбаланси во системот. Премиерот Мицкоски уверува дека токму преку вакви механизми се намалува ризикот од недостиг на енергенси и од можни прекини во снабдувањето.

Денешното тргување на интрадеј пазарот започна со дваесет и еден регистриран учесник. Од МЕМО очекуваат во наредниот период да се зголемува и бројот на компании, но и обемот на тргување, со што пазарот би добил уште поголема динамика и ликвидност.

Министерката за енергетика Сања Божиноцска вели дека новиот модел на тргување ќе им овозможи на компаниите подобро да ги планираат своите потреби и побрзо да реагираат на промените на пазарот. Според неа, тоа треба да значи помали трошоци за дебаланс, поголема стабилност на мрежата и подобри услови за инвестиции во обновливи извори на енергија.

Интрадеј пазарот е воспоставен со поддршка на словенечката берза БСП и Енергетската заедница, а надлежните го оценуваат како еден од најзначајните чекори во либерализацијата на домашниот пазар на струја. Очекувањата се новиот систем да придонесе и за полесна интеграција на сончевите и ветерните електрани, чиј удел во производството на електрична енергија постојано расте.