Од денеска на сила стапува новиот закон за енергетика - износот на сметките според реалното мерење на мерниот уред

ЕВН повеќе не смее да издава паушални фактури, тврдат Инжинерите на Македонија, откако денеска влезе во сила новиот Закон за енергетика. Фактурите за електрична енергија мора да се базираат исклучиво на реално измерена потрошувачка, освен во случаи кога мерниот уред е технички неисправен.

Во спротивно, паушалното фактурирање е незаконско и спротивно на законските прописи, велат инженерите, кои за ова поднесоа претставка до Регулаторната комисија за енергетика и побараа вонреден надзор над работењето на ЕВН.

„Доколку се утврди дека се работи за суштинска и континуирана повреда на овие обврски, бараме Регулаторната комисија да покрене иницијатива за раскинување на договорот за купопродажба на 90% од акциите на ЕСМ, склучен со ЕВН Австрија во 2006 година.“

Од Регулаторната одговорија дека утринава примиле претставка, која ќе биде разгледана и ќе се постапи согласно Законот за постапување по претставки и предлози.

„Во исто време Ве информираме дека од денес на сила стапува новиот Закон за енергетика, согласно обврските од истиот, РКЕ ќе треба да подготви нови подзаконски акти, што значи дека ќе бидат донесени и нови Правила за снабдување со електрична енергија.“

Во меѓувреме, од денеска па до 30 јуни почна да тече рокот во кој носителите на лиценци за енергетски дејности, вклучувајќи ги и носителите на лиценци за пробна работа, треба да поднесат барања за промена на лиценца до Регулаторната комисија за енергетика. Во спротивно лиценците ќе престанат да важат. Законот за енергетика беше донесен пред две недели и претставува важна реформа во енергетскиот сектор.

Тој треба да создаде либерален, транспарентен и конкурентен пазар на електрична енергија, што ќе донесе повеќе избор и подобар квалитет на услугите за потрошувачите. За првпат се регулираат батериите и складирањето енергија, како и формирањето на граѓански енергетски заедници. Дополнително, МЕПСО ќе премине под надлежност на Министерството за енергетика, а се воведува и методологија за мерење на енергетската сиромаштија.