Од денеска е во сила законот за работно ангажирање на лица за повремено и сезонско ангажирање

Невработени, студенти, ученици и пензионери, ќе можат да бидат ангажирани без губење на нивните веќе стекнати права со Законот за работно ангажирање на лица што стапи во сила од вчера.

Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, ова законско решение е најавено како суштинска реформа во начинот на повремено и сезонско ангажирање на работници и борба со сивата економија.

- Со овој закон воведуваме пофлексибилен модел на работна сила... со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. 

Законот овозможува ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери, без губење на нивните веќе стекнати права. 

Корисниците на гарантирана минимална помош не ги губат социјалните и детските права, невработените не се бришат од евиденцијата и не го губат паричниот надоместок, пензионерите не го губат правото на пензија, а студентите и учениците ги задржуваат правата од образовниот систем.

Оваа реформа, посочи министерот, носи бенефит и за работниците и за работодавачите. 

Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставена административна постапка, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права. 

На овој начин, според Дурмиши, се воспоставуваат поправедни и потранспарентни услови на пазарот на трудот.