Од ден на ден се поголем број области опфатени со пожари - ДЗС на координација за опремата со која се располага

Со топлото време се вжештува и линијата на ЦУК за пријавување на пожари на отворен простор. Гори на неколку локации, на 112 добиена е пријава за пожар на сува трева во близина булевар Босна и Херцеговина, Долно Лисиче месност Чаталот, запалена сува трева на ул. Малешевска во населба Драчево, сува трева горела и во атар на село Ерџилија светиниколско каде е локализирано.

Најопасниот кој е активен веќе втор ден во атарот на село Бебиште се движи кон село Градешница и шири кон границата со Грција. Огнот се развива на непристапен и тежок терен,а состојбата е опасна поради пукање на муниција и постојат сознанија за можни неоткопани гранати во реонот.

Дивата депонија пак што гореше во Визбегово, е под контрола, но се уште тлее одвнатре.

Поради високите температури што ги имаме се зголемува и ризикот за појава на пожари на отворен простор. Според извештаите од управата за хидро метеоролошки работи за наредните денови се прогнозира сончево и топло време со мала до умерена облачност со температури до 400 C во петок и за време на викендот што доаѓа.

И кога веќе се појавуваат пожарите низ Македонија според последните информации од дирекцијата за заштита и спасување засега во функција е еден од трите ер трактори, другите два се на сервисирање. Министерството за внатрешни работи пак издаде целосна забрана за движење во шумите која е активна од утре и ќе трае до крајот на август.