Од 15 до 20% е зголемен бројот на алергиите како резултат на аерозагадувањето

Загадениот воздух – причина за се поголемиот број на луѓе со алергиски реакции. Штетните честички кои ги дишеме предизвикуваат појава на алергии во есенските и зимските месеци.

Лекарите велат дека последниве три до четири години драстично е зголемен бројот на пациенти со алергиски симптоми како резултат на аерозагадувањето.

Д-р Драган Ѓорѓиевски – Специјалист по семејна медицина

„Нормално е во пролет, но не е баш логично и нормално во текот на есента и на зимскиот период, значи зголемен е бројот за 10-15%, па можеби и за 20%. Од година во година тој број константно се зголемува. Обично тука имаме чешање на носот, гребење на грлото кое е малку поспецифично во однос на класичната настинка, сето тоа се некои симптоми кои укажуваат на алергиска реакција“. 

Лекарите предупредуваат дека никој не е имун на загадениот воздух, но најтешко се одразува кај хронично болните и децата. 

Д-р Драган Ѓорѓиевски – Специјалист по семејна медицина

„Највеќе децата страдаат од респираторни инфекции, бидејќи кога ги вдишувате ПМ 10 честичките тие влегуваат преку носот прават нарушување на респираторниот епител и тука веќе станува поподложен пациентот на внесување на бактерии и вируси од различно потекло“... 

Покрај ова, болниците периодов ги полнат и луѓе со респираторни инфекции, вируси. Има пациенти и со ковид, а веќе се регистрирани и со грип....  Воздухот од синоќа е со висока загаденост не само во Скопје туку и во Велес, Кичево, Струмица и Гевгелија. 

Според податоците кои ги објави Европската агенција за животна средина, Македонија, заедно со Босна и Албанија е меѓу земјите кои се најпогодени од загадувањето на воздухот кое директно влијае на здравјето и животниот век на населението. Извештајот нотира дека тој особено ги погодува децата, како ранлива категорија.