Од 1 150 пресуди на ЕСЧП за земјите од Западен Балкан, 185 се против Северна Македонија

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од почетокот на работата до крајот на 2021 година има донесено 1 150 пресуди во врска со земјите од Западен Балка, од кои 185 се против Северна Македонија, покажува анализата на судската пракса на ЕСЧП во однос на земјите од Западен Балкан објавена во „Правна хроника“, стручно списание издадено од Високиот судски и обвинителски совет на Босна и Херцеговина и АИРЕ центарот за Западен Балкан.

Од почетокот на својата работа до 31 декември 2021 година, ЕСЧП има донесено вкупно 86 пресуди во случаи против Албанија, 105 пресуди против Босна и Херцеговина, 474 пресуди против Хрватска, 185 пресуди против Северна Македонија, 68 пресуди против Црна Гора и 232 пресуди против Србија, се вели во анализата. 

Според анализата најголем дел од пресудите се однесуваат на забрана за тортура и нечовечко и понижувачко постапување, каде што Судот одлучуваше за случаи поврзани со повреда на процесните аспекти од член 3. Судот наведува дека поведувањето прекршочна постапка и погрешното суспендирање на кривичната постапките од формални причини претставуваат повреда на процесните обврски на државата врз основа на член 3.