Очите на светот свртени кон Аљаска - што ќе донесе средбата Трамп - Путин
Светот е во очекување на историската средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин која ќе се одржи во воената база „Елмендорф-Ричардсон“ во градот Енкориџ на Алјаска.
Главна тема е Украина, а очекувањата дека средбата ќе донесе барем прекин на огнот, се поделени. Од руска страна велат дека американската администрација прави „искрени напори“ за решавање на конфликтот во Украина и дека Москва и Вашингтон би можеле да постигнат договор за контрола на нуклеарното оружје. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров пристигна на Алјаска за претстојниот руско-американски самит во сив блузон со натписот „СССР“.
Сергеј Лавров – министер за надворешни работи на Русија
„Никогаш не планираме ништо однапред. Знаеме дека имаме аргументи, јасна, разбирлива позиција. Ќе ја презентираме. Многу беше направено за време на посетата на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф на Москва минатата недела, а руската страна се надева дека ќе го продолжи овој корисен разговор за време на самитот Русија-САД на Алјаска“.
На средбата нема да учествува украинскиот претседател Володимир Зеленски, а американскиот претседател Доналд Трамп најави дека за епилогот прво ќе го информира Зеленски, а потоа и европските лидери, кои не се задоволни за овој формат за одредување на иднината на војната во Украина.
Американскиот претседател Трамп пред средбата со претседателот на Русија, рече дека очекува уште во првите минути да знае дали состанокот ќе биде успешен, и дека целта на разговорите е поставување темели за нов заеднички состанок со Путин и со Зеленски.
Доналд Трамп – претседател на САД
„Путин би ја презел цела Украина да не сум јас претседател на САД, но јас сум претседател и тој нема да си игра со мене. Веќе во првите минути ќе знам дали состанокот е успешен или не. Целта е да се постават темели за иден состанок со рускиот претседател и со украинскиот претседател заедно“.
Барањата на Русија и Украина се дијаметрално спротивни, па очекувањата од средбата се мали. Успех би било за почеток да има прекин на огнот. Траен мир, безбедносни гаранции и огромни финансиски репарации се меѓу главните барања на Украина. Пред средбата Трамп – Путин, се одржуваат протести. „Не го сакаме Путин тука. Нека ги повлече своите трупи од Украина. Алјаска стои со Украина“, порачаа демонстрантите во Анкориџ.

