Оценки на експерти за извештајот на ЕК, опозициската СДСМ со критика
СДСМ обвини дека Извештајот на ЕК е најлошиот во последната деценија, ВМРО ДПМНЕ порача - вакви и слични извештајчиња ќе има се додека нема решение со Бугарија.
Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче ја обвини владата дека е причина во застојот на реформите и дека европскиот пат е само празна реторика. Порача дека земјата има назадување во неколку области, дека државата е во застој, а институциите парализирани.
– Овој извештај е практично најлошиот извештај, кој што сме го добиле изминатите 10тина години и сериозно го вклучува аларамот за иднината и перспективата на државата. Се случи тоа што предупредувавме, ВМРО ДПМНЕ успеа за една ипол година не стави во групата со Косово, БиХ, со Молдавија,Украина, земји кои последни го почнаат патот на евроинтеграциите. Чекоревме паралелно со Албанија, a еве гледаме сега Албанија како со крупни чекори оди напред, изјави Венко Филипче.
Од ВМРО ДПМНЕ му вратија дека игра бугарско сценарио. Владеачката партија порача – вакви извештајчиња ќе продолжат се до наоѓањето на решение со официјална Софија.
- Македонија ќе продолжи со реформите без разлика на диоптријата која е јасна, а тоа е дека извештајот како многу пати во минатото и во други земји се користи како дел од политичките условувања, притисоци и динамика на земјата. Но за нас е јасно дека вакви и слични извештајчиња ќе продолжат се додека не се најде решение со Бугарија. Но и покрај тој негов аспект, извештајот сметаме дека е одличен и не охрабрува да продолжиме на патот на реформите и го гледаме како патоказ на кој треба да се фокусираме во иднина, велат од ВМРО ДПМНЕ.
За експертите Извештајот од Брисел е предупредување до Македонија.
Симона Кацарска ЕПИ - Не треба да занемариме, дека во однос на реформите, овој извештај ни дава предупредување дека таму до каде што сме стигнале како резултат на она што го даваме како аргумент на нашата висока усогласеност, поради тоа што сме почнале порано, поради тоа што некои работи сме ги завршиле пред другите, таа предност сме навистина во ризик да ја изгубиме, ако не оваа година – наредната, да го немаме веќе тој аргумент.
Кацарска порача дека тоа што загрижува во, како што кажа - стандарноста на извештајот, е тоа што нема напредк во владеење на правото и намалениот напредок во поглавјето 24 или основата на првиот кластер - кој го диктира темпото на преговорите.
Извештајот за напредокот на Макеоднија вчера беше презентиран во Брисел , а беше нотирано дека Макеоднија не направи чекори за усвојување на уставните измени, но и дека има сериозна загриженост за корупцијата во земјата.
Утре се очекува Владата да се произнесе за документот.

