Обвинителството потврди дека Дрин Ахмети дал исказ уште ноември лани
Дали Дрин Ахмети е виден со возило бел „Ролс Ројс“ со кичевски таблички вреден 400 000 долари или не? Ахмети ги отфрла тврдењата и бара јавно извинување, а „Вреди“ со остри реакции дека криминалот и корупцијата, ниту луксузот не познаваат етнички граници.
„Како што криминалот и корупцијата не познаваат етничка припадност, така и луксузот нема етнички граници. Сашо Мијалков води луксузен живот во странство во македонскиот табор, во албанскиот камп внатре и надвор од земјава луксузен живот води внукот на „силниот“ чичко, Дрин Ахмети. Дрин Ахмети не му се допаѓа Ферари бидејќи е виден со бел „Ролс Ројс“ со кичевски регистарски таблички, автомобил вреден околу 400 илјади долари. Значи, станува збор за внукот на Али Ахмети, „супер интелигентниот“ млад човек за кој Обвинителството побара помош и од САД за неговите сомнителни финансиски трансакции.“ - Вреди.
Дрин Ахмети, преку писмено соопштение се огласи и целосно го отфрла тврдењето дека е виден со возило „Ролс Ројс“ со кичевски таблички, возило вредно 400 000 долари. Тој побара јавно извинување, во спротивно ќе поднесе тужба.
„Ова обвинение е безобразна измислица која нема никаква основа ниту факти, ниту докази. Ако има вистина во оваа приказна, ве предизвикувам да обезбедите јасни, непобитни докази- фотографии, записи од регистарски таблички, изјави на очевидци или која било друга легитимна документација-за да го потврдите вашето тврдење. Барам итно повлекување на вашата изјава и формално јавно извинување. Неодговорно и неетичко е да се шират неосновани изјави во обид да се одвлече вниманието од било какви недостатоци или неуспеси со кои можеби се соочувате.“ - Дрин Ахмети.
Додека пак, денеска од Обвинителство потврдија дека внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети во Обвинителството дал исказ за злоупотреба на службената положба во врска со издадена концесија.
„Лицето за кое покажувате интерес на 19.11.2024 година беше повикано во Основното јавно обвинителство Скопје да даде исказ во предмет по поднесена кривична пријава за кривично дело - Злоупотреба на службена положба и овластување во врска со издадена концесија. Пријавениот се јави на закажаниот распит и даде исказ. Јавниот обвинител во предметот продолжува да презема дејствија и да врши распит и на други лица во врска со наводите во пријавата.“ - Основно јавно обвинителство.
Дрин Ахмети во 2023 година стана сопственик на центарот „Соравиа“ во Скопје, а од 2020 година е сопственик на компанијата за развој на градежни проекти „Тор индустрис“. Против младиот бизнисмен, минатата година Обвинителството до МВР и СВР Скопје издаде наредба за поведување на прекршочна постапка, откако беше фатен со голема количина на пиротехнички средства. Тогаш од Обвинителство посочија дека по целосно спроведена предистражна постапка и вештачење, утврдиле прекршочна одговорност.
На 30 декември 2023 година на улица „Самуилова“ во Скопје, полициски службеници запреле патничко моторно возило „ренџ ровер“ со албански регистерски таблички, управувано од Дрин Ахмети од кичевското Зајас, а при проверка на возилото од МВР истакнаа дека се пронајдени 749 пиротехнички средства.