Обвинителството покрена обвинение против Васил Јованов, возачот кој ја усмрти Фросина Кулакова
Васил Јованов, кој ја усмрти младата Фросина Кулакова на пешачки премин на „Партизанска“, доби обвинение за тешки дела против безбедноста во сообраќајот, со кое може да добие максимална затворска казна до 20 години, соопштува Основното јавно обвинителство.
Возел со 91 км/ч и под дејство на алкохол.
- Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили алкохол во крв, но и со брзина на движење од 91 km/h што е речиси двојно поголема од дозволената. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, оштетената починала на лице место. - Основно јавно обвинителство.
Јавниот обвинител побарал дваесетгодишниот Јованов да остане во притвор а за постапката кон таткото на Васил, Зоран Јованов, во чија сопственост е автомобилот со кој беше прегазена Кулакова, наскоро ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, информираат од ОЈО.
Во меѓувреме, се разви жестока дебата околу потенцијалната политичка позадина на масовните протести организирани од неформалната група на младински активисти „Кој е следен?„ која започна да организира демонстрации по прегазувањето на младата Фросина. Денеска, сестрата на Фросина, Росица Кулакова, која учествуваше на протестите, се обрати со остри критики до организаторите на „Кој е следен?“.
- Од еден искрен, спонтан и народен крик на болка, се појави нешто друго. Некој со болен ум, со туѓа трагедија реши да си прави профит. Така во јавноста се појави иницијативата „Кој е следен„. Моите зборови се насочени кон организаторите. Не кон тие што ги гледавме со транспаренти, туку кон оние што секогаш се во сенките. Луѓето чии имиња не се појавуваат јавно, ама сите знаеме кои се. Тие што го „водат„ протестот, а никогаш не одговараат за своите постапки. - Росица Кулакова сестра на Фросина Кулакова.
Од иницијативата „Кој е следен?„ за ТВ 24 велат дека тие се борат за поголема безбедност на секој граѓанин, а смртта на Фросина била повод, но не и главна причина за создавањето на оваа иницијатива.
- Ова движење настана природно и сосема спонтано по трагичната смрт на младата Фросина каде поради револт и гнев се собравме да реагираме против постојаната смрт на млади луѓе по македонските улици. Главната причина е долгогодишното потфрлање на системот. Целта на „Кој е следен?„ е да нема следни. Траорната несреќа во Кочани ја разјасни сликата кај многумина, за што ние се бориме и кои се нашите цели. Доста бевме ние, корумпираниот систем мора да биде следен! - Иницијатива „Кој е следен?“.
По трагедијата во Кочани, која однесе 59 животи, „Кој е следен?„ продожи да организира протести на кои се приклучија илјадници граѓани. Од оваа иницијатива најавуваат нов протест утре пред Собранието, поради како што велат одлуката на пратениците да заминат на одмор во овој чувствителен период кога се бара одговорност за една од најголемите трагедии во поновата македонска историја.

