Обвинителството поднесе обвинение против 10 лица, дел од криминална група
Обвинителството поднесе обвинение против 10 лица-дел од криминална група и едно правно лице-обвинети за посредување во вршење проституција и илегална трговија со дрога. Меѓу членовите на криминалната група имало и полициски службеници.
Во текот на постапката од ОЈОГОКК, велат дека тројца од осомничените, меѓу кои и едниот од полицајците, ги признале делата и се спогодиле со Обвинителството. Седуммина обвинети сториле кривично дело Посредување во вршење проституција, четворица се обвинети за Перење пари и други приноси од казниво дело, а за кое дело се обвинува и правното лице. Останатите двајца се обвинети за Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции, додека на полицискиот службеник освен злосторничко здружување му се става на товар и кривичното дело Оддавање службена тајна.
- Организираната група ја создал првоосомничениот, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата која во временскиот период од 2020 година до октомври 2024 година се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а дел од обвинетите ги прикривале нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела. Членови на криминалната група биле и две службени лица – затворски полицаец и полициски службеник. - ОЈО ГОКК.
Врз основа на предлог спогобите на две лица за сторени кривични дела Злосторничко здружување и Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции им се изречени затворски казни во траење од 2 години и 3 месеци и од 1 година и 8 месеци, а службеното лице е осудено на казна затвор во траење од 1 година и 8 месеци. За осомничениот кој е недостапен на органите на прогонот постапката е прекината до негово пронаоѓање.
- Во постапката се определени мерки кон вреден недвижен имот во Тетово и Гостивар, вреден подвижен имот - возила, накит и часовници од значителна вредност, како и парични средства и други предмети што потекнуваат и се принос од кривичните дела. Имајќи ги предвид околностите, поврзаноста на обвинетите и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител цени дека во моментот мерката притвор е единствена со која во моментот може да се обезбеди присуство на обвинетите и непречено водење на постапката истата, па му предложи на судот истата да биде продолжена за секој од нив. - ОЈО ГОКК.
Организираната група ја создал 35-годишник од селото Боговиње, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата и во угостителски објекти во с. Жеровјане, с. Горно Седларце и во Охрид наведувал на проституција девојки - странски државјанки кои работеле како танчaрки во стриптиз-клубови.
Еден член од групата го организирал и координирал работењето на два од клубовите. Додека трет бил задолжен за работата на стриптиз-клубот во Охрид. Четвртиот член од групата учествувал во наведувањето на проституција на девојките во клубовите и бил задолжен за нивното патување и влез во нашата земја, како и за олеснување на процедурите за документи за легален престој за странските државјанки.
Петмина биле задолжени за обезбедување и неовластена продажба на дрога, на девојките и гостите во угостителските објекти. Едниот од нив ги помагал и олеснувал активностите за пренос на дрогата и бил ангажиран за предупредување при полициските контроли и задолжен да го следи движењето на полицијата на патот кон клубовите, за што ги информирал членовите на групата.