Обвинителството побара обдукција на телата на починатите алпинисти, ден на жалост во Радовиш
Foto

Обвинителството побара обдукција на телата на починатите алпинисти, ден на жалост во Радовиш

Се уште останува енигма како се случи несреќата во „Бучим“ каде загинаа двајца членови на алпинистичкиот клуб „Плоча“ од Радовиш кои ги чистеле високите силоси во работната единица „Флотација“ на рудникот. 

Вчера околу пладне таму животите ги загубија Зоран Мајсторски и Драган Станишков, а смртта била констатирана во радовишката и штипската болница.  

Јавното обвинителство соопшти дека и денес тече увидот на нивни екипи за да се утврдат причините за несреќата и смртта на двајцата алпинисти чии тела се дадени на обдукција.

„Во текот на увидот, по дадени насоки и наредби од Обвинителството, извршено е фотографирање на самото место на настанот. Обезбедени се затекнатите траги и предмети. Идентификувани се и извршен е разговор со лицата присутни на местото на настанот. Обвинителството издаде наредби за обезбедување на техничката документација за силосите, целокупната документација за ангажманот на алпинистичкиот клуб `Плоча`, правилниците за работа на работната единица Флотација. Издадена е и наредба за вршење на обдукција на телата на починатите“ - соопштија од ЈО.

Двајцата алпинисти на возраст од 45 и 20 години настрадале при чистење на силосите каде се складира руда. Биле високи 25, а широки 17 метри. Тие биле ангажирани како подизведувачи од клубот со кој „Бучим“ имал склучено договор за извршување специфични услуга за чистење на силосите полни со руда.

Мајсторски важеше за искусен алпинист кој зад себе има освено многу планински вровови и еден основачите на клубот „Плоча“. Алпинистичката федерација жали за загубата на својот член.

„Зоран Мајсторски беше еден од столбовите на македонскиот алпинизам кој остави значителен алпинистички траг. Алпинистите од МАФ и алпинистичката заедница остануваат без драгоцен другар и непроценлив алпинистички потенцијал. Зоран Мајсторски вечно ќе остане запаметен преку неговите искачувања“, вели МАФ.

Советот на општина Радовиш на вонредна седница донесе одлука денеска да биде ден на жалост заради смртта на двајца сограѓани кои со постигнатите резултати во алпинизмот ја промовирале општината.

0 Коментари

Остави коментари