ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ЗА РАШКОВСКИ ЗА СПОРНИОТ ТЕНДЕР ЗА РАДАРСКИ СИСТЕМ
Foto

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОТВОРИ ПРЕДМЕТ ЗА РАШКОВСКИ ЗА СПОРНИОТ ТЕНДЕР ЗА РАДАРСКИ СИСТЕМ

Oбвинителството за гонење организиран криминал и корупција го истражува случајот со спорниот тендер на М НАВ и улогата на генералнот секретар на Владата Драги Рашковски. Од Обвинителството велат дека кон овој предмет за набавката на радарски систем во Македонската навигација е споена и кривичната пријава за Рашковски поднесена од ВМРО-ДПМНЕ. Сомнежите и обвинувањата за можна корупција дојдоа по објавувањето на разговорот во кој наводно се слуша гласот на генералниот секретар и договорање на тендерот кој го добила италијанската фирма „Леонардо“. 

- Во август надлежниот јавен обвинител што постапува по предметот до Министерството за внатрешни работи издаде наредба за прибирање на севкупната документација за предметот. Наредена е и темелна анализа на документацијата, по што обвинителството ќе донесе мериторна јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката, се наведува во соопштението од Обвинителството.

 По објавата на снимените разговори, уште летоска Рашковски ја демантираше неговата евентуална вмешаност. Денеска прашан за коментар, тој за телевизија 24 вели дека не е информиран што се случува во Обвинителството, но и дека ќе се јави таму, доколку биде повикан да ја каже својата страна.

Од ВМРО-ДПМНЕ кои поднесоа кривична пријава за Рашковски, пак, велат дека власта прави обид да го заташка случајот. Наместо да се гони Рашковски, на полициски сослушување се повикуваат новинари кои известуваат за случајот.

- „Леонардо“ е уште еден случај на висока корупција, дел од oктоподот на Државната мафија за кој што и ЈО и сиот правен систем заедно со ДКСК се ставени во функција да го спасат секретарот на Владата и да не се открие главата на oктоподот. „Леонардо“ исто како и Рекет немаше воопшто да доживее да се отвори како процес доколку не излезеше во медиуми, домашни и странски, за сега повторно да се закочи истрагата.

Антикорупционерите уште во јули отворија предмет за спорната јавна набавка тешка 7 милиони евра. Тие побараа во истрагата да се вклучи и државниот ревизор, кој ќе истражува како е водена јавната набавка и дали се исплаќани парите според договорот. Антикорупционерите исто така велат дека од М НАВ добиле обемна докумнетација и дека ќе им треба повеќе време да го оценат предметот.

0 Коментари

Остави коментари