Обвинителството отвори истрага против пет лица за убиството во Штип - сите пет мина се во притвор

Судот во Штип им одреди мерка притвор од 30 дена на петмината државјани од Турција, кои се инволвирани во убиството на 25 годишниот турскиот државјанин што се случи пред два дена во штипско кафуле. Осмничените се спроведени во Затворот Куманово. 

Според обвинителството, првоосомничениот 21-годишник, на почетокот на месецов во Скопје, од непознато лице за сума од 1.100 евра купил пиштол, со избришани податоци за модел и сериски број. 

Преку мобилни апликации се договориле со жртвата да се сретнат за наводно да ги надминат долготрајните недоразбирања меѓу нив. Но, по 15-минутен разговор во угостителскиот објект, осомничениот влегол во тоалетот  а кога се вратил почнал да пука во жртвата и го погодил со повеќе куршуми. 

Останатите четворица осомничени тројца мажи и една жена, сите на возраст од 22 до 28 години, му помогнале на сторителот по извршеното кривично дело за кое е запретена казна доживотен затвор.

„На точно неутврдена локација во Штип го качиле во автомобил БМВ со кој управувала осомничената девојка и сите заедно се упатиле кон Скопје. Сите осомничени се турски државјани, од кои тројца имале пријавено престојувалиште во Штип, додека извршителот на убиството и еден од помагачите биле без пријавен престој во државава.“ - ЈОРСМ.

Министерот за внатрешни работи денеска изјави дека и убиецот и оние што му помагале во бегството се веќе процесуирани. 

„Министерството за внатрешни работи ги уапси како сторителот така и оние кои помагале во бегството, истите беа процесуирани.“ - Панче Тошковски.

Убиството се случи на 8 мај во угостителски објект на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип, а во полиција е пријавено околу 21 часот. По убиството сторителот со помош на уште четири лица се обидел да побегне, но во акција на полициски службеници од Штип и Скопје беа фатени на патарината Миладиновци пред Скопје. Истрагата дополнително треба да ги открие мотивите за убиството, кои се движат од од долг до крвна одмазда, нарачано убиство.