Обвинителството ќе го испитува регистрирањето на бугарските здруженија во македонија
Како без мислење на министерството за правда во Охрид е регистрирано здружението „Цар Борис Трети“ ќе истражува Основното јавно обвинителство Охрид по допрен глас.
Обвинителството оформи предмет за да ги испита евентуални пропусти при регистрацијата на Здружението, а издадена е наредба до Централниот регистар за обезбедување на целокупната документација поврзана со регистрацијата на ова здружение на Бугарите во Македонија. Здружението е основано на 9 ноември 2021, пријавата во Централен регистар е поднесена на 16 ноември, а е одобрена на 17 ноември 2021. Обвинителството исто така ќе испитува и како е формирано и здружението „Ванчо Михајлов“ во Битола.
- Од мај годинава, по поднесена кривична пријава од една политичка партија, оформен е предмет и во Основното јавно обвинителство Битола кој се однесува на регистрацијата и функционирањето на Културниот центар ‘Иван (Ванчо) Михајлов’. Постапувајќи по пријавата, надлежниот јавен обвинител издаде наредби за обезбедување докази до СВР Битола, како и барања за податоци од Централниот регистар и Министерството за правда“.
Формирањето на овие здруженија предизвика остри реакции во јавноста, а и за здружението „Ванчо Михајлов“ исто така не е дадено мислење од министерството за правда, туку е регистрирано директно преку Централниот регистер. После формирањето на Борис Трети остра реакција дојде и од eврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија од каде што соопштија дека се згрозени и навредени од регистрацијата на Здружението „Цар Борис Трети” и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот и фашизмот“.
Додека Ванчо Михајлов е докажан соработник на нацистичка Германија, Цар Борис Трети и Владата на царска Бугарија се директни виновници за депортацијата на повеќе од 11.300 Евреи од окупираните територии во Македонија, Грција и во Србија, од кои 7.144 се Евреи од Македонија се однесени во центарот за убивање Треблинка.