Обвинителството ја заврши истрагата за Палевски, адвокатот најавува докази до судот

Истрагата заврши за првоосомничениот Љупчо Палевски Палчо за грабнувањето и свирепото убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Обвинителството предлага спојување на постапките за обвинетите за убиствата.

Истражната постапка е завршена и за Стефан Димковски, кој го превезуваше Палевски до Турција. Но, од Обвинителство велат дека постапката против него ќе се води одвоено. Во меѓувреме тече рокот на одбараната за увид во доказите.

„По истекот на овој рок и поднесување обвинение, јавниот обвинител ќе предложи спојување на судските постапки против вкупно петмина обвинети за овој кривично-правен настан, бидејќи постојат законските основи предвидени во член 28 од Законот за кривична постапка. Со цел да се овозможи единственост на постапката, обвинителството ќе побара одлагање на рочиштето закажано за 30-ти јули против четворицата претходно обвинети.“ - велат од Основното јавно обвинителство Скопје.

Адвокатот на Љупчо Палевски Палчо, за Тв 24 вели дека на 22.07 го добиле известувањето од ОЈО дека истрагата е завршена. Марјан Витановски истакна дека Обвинителството правилно постапува за спојување на постапките. 

- Се работи за сложен предмет, сложен кривично-правен настан. Во текот на постапката треба да бидат изведени докази со кои нјаверојатно се доведуваат во поврзаност и другите обвинети со првоосомничениот Палчо. Обвинителството, правилно ќе постапи со барање за одлагање на претресот, закажано за останатите обвинети (за 30.07.) и за спроведување единствена постапка за сите обвинити.“ - вели Марјан Витановски-адвокат на Љупчо Палевски.

Витановски дециден, Палевски не е виновен. Истото ќе го докаже со материјаните и вербалните докази кои ги поседува.

„Има материјални и вербални докази кои се однесуваат на тоа дека во време на сторување на кривичните дела, бил на сосема друго место. Потврда дека едно лице не може во исто време да биде присутно на две места.“ - вели Витановски.

Освен Палевски, за овој случај осомничени се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи за помагање во грабнувањето на неговата ќерка. Стефан Димковски, пак кој го возел Палевски до Турција е осомничен за помагање по извршеното кривично дело. 

Првично, следната недела на 30.07 треба да започне судењето за грабнувањето и двојното убиство на Ѓорчевска и Жежовски, предметот ќе го води судијата Ивица Стефановски.