Обвинителството и МВР не водат кривична постапка за нападот на новинарската екипа во Арачиново
Foto

Обвинителството и МВР не водат кривична постапка за нападот на новинарската екипа во Арачиново

Органите на прогонот засега не водат дополнителна постапка за нападот на новинарската екипа во Арачиново. Лицата кои ги уценувале новинарот и снимателот на ТV21, да ги избришат анкетите од незадоволни граѓани, снимени се и на камера како ги присилуват да влезат во Општинската зграда, каде продолжуваат да им се закануваат.

Во нивната посета на телевизиската редакција, лично се сретнале и со полицијата, но не биле свикани на никаков разговор, бидејќи,  немало официјална писмена пријава за случајот.  

Првиот човек на МВР денеска не го коментираше случајот. Во негово друштво, одговор  даде само премиерот, кој дипломатски порача дека се е во рацете на институциите. 

„Јавното обвинителство е тоа коешто одлучува дали отвора истрага, покренува постапка или го преточува тоа во обвинителтен акт. Јас можам да апелирам дека институциите мора да постапуваат согласно закон, согласно законите коишто им се на располаѓање и да сфатат дека постојат заради граѓаните. Јас го чувствувам вашиот порив да анимирате вакви прашања, драго ми е што заедно дебатираме на ваквите прашања, затоа што секој треба да постапува по закон, а непостапувањето си нови и кривична одговорност“ - вели Заев. 

Од јавното обвинителство уверуваат дека ќе постапуваат по сите случаи во кои ќе  утврдат елементи на сторено кривично дело, а од полицијата велат, дека обвинителот кој излегол натерен,  засега нотирал дека нема елементи на кривично дело кое се гони по службена должност. Овој случај уште еднаш покажува зошто сме на 95-тото место за слобода на печатот во светот, критикува Здружението на новинари и го повика обвинителството по допрен глас од јавноста, да отвори предмет и да го истражи случајот. 

„Жалиме што во основа трендот на намалување на напади на новинари е ставен под знак прашалник. Овој напад го сметаме како еден од најсериозните што се има случено во последнава година и не потсетува на едни лоши времиња што ги имаа новинарите во нашата земја. Конкретно за случајот со екипата на Тв21 сметаме дека ОЈО треба по допрен глас да реагира, бидејќи таму има и елементи на противправно лишување од слобода, фактички новинарот и снимателот биле присилно ставени во општинската зграда,  и на тој начин обвинителството треба да има свест дека треба да реагира и да отвори случај за тоа“ - потенцира извршниот директор на Здружението на новинари,  Драган Секуловски. 

Новинарските здруженија и синдикати редовно потенцираат дека неопходни се измени во кривичниот законик, со кој нападот на новинари би се оквалификувал како напад на службено лице, со што би се зголемиле казните, а би се намалила праксата на неказнивост. 

Но, според Секуловски кој е дел од работната група со засегнатите институции, овие преговори течат бавно, а токму овој инцидент се надева дека ќе и биде поттик на власта, конечно да обезбеди соодветен механизам за заштита на новинарските права.

0 Коментари

Остави коментари